Винска Галерија

Најрепрезентативниот дел од музејот на виното во Демир Капија претставува поставката за вино во које се изложени експонати, разни етнолошки предмети и се она што историски и типолошки може да се поврзе со виното. Предметите се организирани според одредени целини, во зависност од намената за која се употребувале. Оваа винска поставка е резултат на долгата традиција на одгледување на винова лоза и производство на вино, произлезена од чистата еколошка средина на областа Тиквеш во чиј јужен дел се наоѓа Дeмир Капија каде што постојат изразито поволни услови за оваа дејност.

Од тие причини во регионот на Демир Капија опстојуваат повеќе винарии кои со своите вина наоѓаат свое место во нашиот музеј. Експонатите во винската галерија се доказ за долгата традиција на конзумирање на вино, почнувајќи од основните алати за обработка на земјата ралото и плугот, кошници за носење на грозје, преса за мелење на грозје, преса за цедење на шира па се до разни пехари од брусен кристал рачно работени, стаклени чаши бокали за вода и вино путири за вино, разни видови на шишиња, матарки, сетови за шампањ, сребрени филигрански држачи за варено вино, послужавници со мотиви на винова лоза и други кои со својата форма и изработка се уникатни по своето мајсторство во делот на применетата уметност.

Виното како пијалок се вели дека е пијалок на боговите. Тоа има силна улога на медијатор кое ни ја орасположува душата, ни причинува чувство на задоволство и убавина. Од таа причина уште старите Римјани измислиле голем број поговорки како што се IN VINO VERITAS (во виното е вистината), VINUM LAC SENUM (виното е млеко за старците) и многу други кои што до ден денес се потврдуваат со своето значење во животот на луѓето…..