Етнологија
Во музејот на виното во Демир Капија работи одделение за Етнологија кое има за задача да прибира, чува, обработува и изложува етнолошки материјал кој се однесува на културноисториското-минато на овој крај сочуван од локалното население, а се манифестира преку обичаите, ритуалите, јазикот, фолклорот, начинот на живеење итн. Во регионот на Демир Капија живеат три етнички заедници македонската, српската и турската и сите три со свои белези, традиција и култура, наоѓаат свое место во нашиот музеј. Еден од белезите на духовната култура на жителите на Демир Капија е познатото русалиско оро кое што е издигнато на ниво на ритуален танц (оро). Играта на русалиите е многу стара и се игра во периодот на т.н. од народот ” некрстени денови “ од 7 (Божик) -19 (Водици) Јануари. Русалиите се мажи кои носат специјална народна носија и изведуваат обредни игри со магиска содржина. Русалијата играорец држи во раката дрвена сабја – со која замавнува за да ги избрка, истера злите духови и сили.



Дел од материјалната култура на локалното население во Демир Капија претставува народната носија која има вековна традиција, а која покрај основната функција да го заштити човечкото тело од разните климатски влијанија како и покрај обредните функции таа ја покажува и територијалната припадност. Културата на облекување кај жената од Демир Капија од 19 век се следи преку преубавата типична за овој крај клисурска народна носија (с.Клисура) изработена од платно и волна, проткаена со безброј јасни, силни и живи бои, испреплетена со разни мотиви на корилот(јаката) и ракавите, надополнета со накит, кои прават демиркаписката т.е клисурската невеста да биде убава и посебна и посакувана од нејзиниот стопан кој исто така е облечен во традиционална машка носија која може да биде секојдневна и празнична. Материјалната култура на Демир Капија се следи и преку сите оние алатки и орудија кои што локалното население ги користи во своето секојдневие. Бидејќи овде одгледувањето на виновата лоза, обработката на површините со афион и памук, производството на пипер од најстари времиња се основните гранки за егзистенција на населението, многу често по домовите се среќаваат дрвени буриња и бочви за чување на вино, каци, букариња за носење на вода, бирлаци за чување на ракија, ножиња за режење на афион, кутии за собирање на афионов катран итн.
Казанот за печење на ракија денеска се сретнува во секое семејство во Демир Капија. Печењето ракија има долга традиција во овие краишта. За убава ракија се смета ракијата која што достигнува 50 степени јачина. Овие и многу други етнолошки материјали како потврда за вековната традиција на населението од овој крај може да се видат во одделението за етнологија кое е замислено како приказ на типично македонска соба од крајот на 19 век, со примена на природни материјали – каменот и дрвото, со автентичен приказ на огниште и разбој, традиционална носија од Демир Капија итн….
