Белоглав Мршојадец

Белоглав Мршојадец - Griffon Vulture - Gyps fulvus


Белоглавиот мршојадец е извонреден навигатор кој одлично се снаоѓа во големи пространства и на големи растојанија во својот лет. Тој е и многу ефикасен летач кој умешно ги користи ветровите и воздушните термали при што троши малку енергија прелетувајќи огромни растојанија. Белоглавиот мршојадец е социјален вид на птица па живее во групи -колонии и тоа на тешко достапни карпи. Гнездата од суви гранки, мов и сл. ги прави на камени тераси во камени поткапини и во мали пештери. Парот од белоглави мршојадци има само едно јајце-младо во текот на една сезона. Сезоната им почнува зиме ( декември/јануари ) кога им почнуваат свадбените летови, носењето на материјал за гнездата и парењата.

Во август младите ги прават своите први летови по што почнува нивната обука во летање и потрага по храна заедно со нивните родители.

Колонијата на белоглави мршојадци во Демир Капија последниве 3-4 години брои вкупно од 16-22 птици, со 6-8 парови кои овие години успешно подигнуваа од 4-6 млади. Главни проблеми за нивниот опстанок во Р. Македонија се, недостатокот на достапна храна, труењето, вознемирувањето и немањето на било каква грижа од општеството (државата).

Може слободно да кажеме дека единствено општината Демир Капија овие неколку години покажува на дело некаква волја, подршка и соработка во борбата за спас од исчезнувањето на овие корисни за сите, горостасни и прекрасни птици.