Археолошки локалитети и наоди во Демир Капија

 

Големиот број на археолошки локалитети во Демир Капија укажува на континуитет на животот од неолитот и железното време преку сите периоди на антиката и средниот век до современата населба. Остатоците од фортификцијата, градската водоводна мрежа, повеќето некрополи и сакрални објекти од најмладата фаза на антиката зборуваат за тоа дека Дeмир Капија е повеќеслојна урбана средина, потврдено со обемот и разновидноста на целокупниот археолошки материјал откриен во Демир Капија меѓу кој посебно место зазема грчката сликана керамика од класичниот период (крај на 5 и почеток на 4век пне)  и . Имено со градежни работи за време на проширување на стариот пат во 1940г. на 200м пред тунелите потез Варници била откопана група гробови со сликани грчки вази, златен и сребрен накит меѓу кои е најдена и прекрасната хидрија сликана во ателјето на познатиот атински сликар Мидија со претстава на Дионис со менади од крајот на 5 век од стара ера. Со ископувањата од 1948-1952г. што биле спроведени со стручњаци од тогашна Југославија се окриени нови вредни наоди а меѓу нив и еден гроб со бели лекити  , (овие специфични гробни вази биле обележје само на Атињаните). Ова зборува дека во Демир Капија живеела група на Атињани најверојатно рударски и металуршки стручњаци, занаетчии и трговци со нивните семејства. Нивната колонија ја лоцираме на карпата Пештера над ритчето Манастир (десен брег на р.Вардар). Ова укажува на фактот дека Демир Капија во античко време е најсилен експортно - импортен пазар во Тиквешијата од каде што се дистрибуирале материјалните и културните новитети и движења од егејскиот свет. Сратешкото значење на Демир Капија во античко време забележан како Стенае на познатата Појтингерова карта со значење премин, теснец, кланец, а во средниот век познат како Просек со исто значење (пресек, просекува, премин) е огромно. Тука најлесно можело да се контролира секое движење од север кон југ и обратно, тука поминувала и природната граница помеѓу античка Македонија на југ и Пајонија на север од неа. Постоеле и два помошни премини со заобиколени и тешко проодни патеки преку ридовите низ долчето Постралец јужно од Просек до 380м високиoт Превалец до северниот крај на Јуручки Камен. И двата премини биле контролирани од одделни тврдини и долги зидови – прегради - клаузули. Прв историски писмено потврден народ на овој простор биле Пајоните. Тие својата населба ја подигнале  на левиот брег на р. Вардар високо на карпата локалитет Марков Град. Карпата е висока од 120- 220м над реката и е речиси непристапна, освен од северната страна. Таму бил подигнат силен зид што оградувал простор од 14ха. Две помали тврдини поставени на сртот на Јуручки Кемен северно од населбата ги отежнувале непријателските напади од единствената можна страна (север). Тука во посеверната од двете тврдини е најдена монета на пајонскиот крал Теутај и на градот Акант  и ова засега е најстар наод од оваа позиција (5век сте). Името на овој град можеби било Алмана. Римскиот историчар Тит Ливиј забележал дека последниот македонски крал Персеј во 168г пред н.е. тргнал со голема војска на север во пресрет на Галите. Движејќи се по вардарскиот пат тој кај градот Алмана на брегот кај Аксиј подигнал логор од каде што испратил делегација да преговара со Галите кои веќе биле стигнати во осоговско брегалничкиот регион за да ги привлече на своја страна во војната против Рим. Логорот на македонската војска несомнено морал да има силна стратешка позиција во случај силните и воинствени Гали да се премислат и да  нападнат од север на Македонија. Секако Демир Капија со својата стратешка позиција најдобро одговарала за ваков случај. Во рано римско време жителите ја напуштиле високата карпа Марков Град и се преселиле во рамницата на другиот брег во устието на р. Дошница во Вардар. Со истражување тука е утврдено дека куќите од доцно хелинистичко и рано римско време лежеле врз постари пајонски гробови. Ова се совпаѓа со колонизацијата на Филип V, а продолжило под римска управа. Новиот град во рамницата со време бил врамен со одбранбен зид и зафаќал површина од 10ха. Ископани се мермерни украси на еден храм, водовод и канализација, гробови, повеќе надгробни споменици, мермерна скулптура. Еден храм откопан 3 км северно од античкиот град до вардарскиот пат содржел релјефни мермерни икони и мали скулптури на Артемида и Диоскурите (2-3век не.) Сите населби по течението на Вардар кои археолошки се потврдени и кои можеме да ги обележеме како градови имаат свое име, единствено името на Демир Капија не е потврдено. Постојат три споменика на кои пишува дека во Демир Капија постоел град: Два од нив се постаменти на кои стоеле статуи на римски функционери или заслужни граѓани од 2 и ран 3 век на кои се спомнува само polis, а не и името на градот. Третиот споменик е милјоказ од времето на Константин 1 (ран 4 век) . На картата на појтингер (средина на 4век н.е) после Антигонеја забележан е Стенае и затоа и ние го користиме ова име во литературата. Во периодот на доцната антика сите овие антички градби биле и понатаму во употреба, со мали доправки и преправки и понатаму се користат и се во употреба. Новото име на ова место - Просек настанало не подоцна од 10 век кога е потврдено и со бројни археолошки наоди . Во 12 и 13 век во Просек владеат двајца великодостојници - Добромир Хрс и Добромир Стрез. Утврдениот град има површина од 17ха - Стрезов град, разделен од Горниот град - Марков град со Челевечка река, во кој биле сместени укрепен дворец со три кули и голема дождовница. Во Просек постоеле и две цркви кои што исто така се потврдени археолошки со монети од 10-14 век .  На другата, спротивната страна од клисурата  исто така стоела кула една кула - кула на Постралец и имала за цел да го контролира патот стеснет кај Вардар како и една заобиколена патека 

потврдена со всечени тркала од запрежна кола во должина од 15м што воловите требало да ги влечат до Краставец високо над Вардар. Под власта на турците потпаѓа 1385г кога во турските документи од 16 век е забележан како с. Демир Капија чие име преживеало и до ден денес. Демир Капија има силно знечење во периодот на антиката како еден микро регион со рудно богатство, а дека во р. Дошница се испирало злато потврдуваат натрупаните остатоци на грамади од камен од двете страни на реката. Листови сурово злато кое било испирано тука најдени се во гробовите на умрените во с. Чифлик . Неколку км од с.Чифлик кај с. Дрен забележани се антички рудници на бакар. Во рударската населба на сртот Пештера кај Манастирот најдени се оловни куршуми одливци како директна потврда за топење на рудата. Тоа е една од главните причини за престојот на Атињаните тука. Пристапот до лежиштата на железна, арсенова, оловно - сребрена и бакарна руда во ревирот на среден Кожув водел од Демир Капија по долината на р. Бошава се до нејзините извори.

Духовната култура - религијата на Демир Капија е обележана со интензивно присуство на автохтони култови поврзани со плодноста, обновувањето на животот и неговиот континуитет, а исто така многу рано се јавува силно влијание прво на грчкиот а потоа и на римскиот пантеон. За регионот на Демир Капија (локалитет Црквиште), карактеристична е група споменици на античкиот култ, најверојатно со автохтона провиниенција - ари со букариони. Тоа се помали или поголеми ари со пластична претстава на воловски глави со нагласени рогови и уши и само обележани очи и уста. Нивното значење од една страна може да се поврзе со култот на античките сточари, а од друга страна букарионот како симбол на почетокот и силата може да има значење на претстава на Дионис, но исто и замена на жртвуваното животно кое му се посветува на Зевс како највисоко божество. Светилиштето на Афродита во пештерата Змеовец во с. Дрен (2 -1 век пред не) со фрагменти од сакрални теракоти  кои во најголем дел и припаѓаат на Афродита, но има и примероци кои и припаѓаат и на Деметра, Атена (женски  принцип, женски божестава се поврзува со плодноста и желбата за пород) само го потврдуваат силното влијание од егејскиот свет. Поголем мермерен релјеф од с. Бистренци . прикажува менади, тријади или баханаткињи од дионосовата придружба во игра, во изобилство од флорални мотиви особено од бршлен и виновата лоза, две облечени женски фигури се потполно предадени на заносот на играта изразени со движењето на телото, зборува за силно раширен култ на божеството Дионис. Култот на диоскурите за време на римскиот период од 2-3 век од н.е. е посведочен во наодот на скулптурлната група од мермер во нивното светилиште од Демир Капија каде што во средината стои женско божество, веројатно Деметра, а од страна се диоскурите нејзините придружници. Во истото светилиште се откриени три заветни плочи. Деметра е божица на природата и животните и заштитничка на брачниот живот. Диоскурите се врска помеѓу горниот и долниот свет, светлоносци и спасители на човештвото. Сите овие заветни плочи како и целото светилиште му припаѓаат на 2 -3 век. Во периодот на римската антика бил развиен култот спрема починатиот, а дека тоа е така сведочи изградбата на мевзолеи-хероони или мемории, како што е хероонот во с. Барово, кои во ова време предтставниците на поимотниот слој на жители им ги подигнувале на своите покојници.

Почетоците на христијанството во Демир Капија и денес се видливи на теренот. Археолошки се следат преку остатоците од темели и зидови на ранохристијанските објекти како што е базиликата со мала црква на локалитетот Црквиште  и базиликата на локалитетот Манастир, непосредно пред тунелите. Ранохристијанската базилика се датира од 4-6 век, а малата средновековна црква врз централниот простор на базиликата со некропола околу неа датирана е со накит и монети од карајот на 9-15 век.

Демир Капија од изворите од 11 век забележана е како црковно средиште во рамки на Мегленската епархија, а подоцна кога во првата половина на 14 век Просек потпаѓа  под српска власт, црквата и е посветена на Богородица и како црковен имот му е дадена на управување на Хиландар. Разурната е од турците во првата половина на 15 век од кога и престанува да постои, и кога целата територија на Македонија потпаѓа под турска власт.

 

 

  • Hidria
  • Facebook Page: 452294554877169
  • Google+: 115271748317670000228
  • Linked In: profile/view?id=310731630
  • Picasa: 110937946836489424575
  • Twitter: MuseumOfWine
  • YouTube: channel/UCNwQkvhkoRYeigMgN5i88Tg